Џафери: Поради опструкции Собранието во моментов не може да избере уставни судии

Се опструира работата на Комисијата за избори и именувања и во моментов Собранието не може да избере уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд, се вели во одговорот од Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери, на писмото од претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.

Од Кабинетот на претседателот на Собранието, информираат дека Џафери го добил писмото од претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во врска со проблемите во работењето на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

— Собранието, согласно своите уставни надлежности е информирано за истекот на мандатот на уставните судии, односно Собранието, по предлог на Комисијата за избори и именувања избира уставни судии од редот на истакнати правници во Република Северна Македонија. Имајќи предвид дека се опструира работата на Комисијата за избори и именувања (преку изигрување на процедура и примена на методи кои што Претседателот на Собранието ги има елаборирано пред јавноста), предлозите на членовите на Комисијата не може да добијат зелено светло за истите да бидат разгледани на пленарна седница на Собранието и во моментов Собранието не може да избере уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд, се вели во соопштението од Кабинетот на Џафери.

Source link: www.24.mk