
Киев е опколен — македонскиот амбасадор и уште еден дипломат се во скривница и засега нема услови за нивно извлекување.
Шефот на дипломатијата — Бујар Османи вели дека амбасадорот Ефремов и уште еден дипломат во Киев, заедно со уште двајца граѓани, поголемиот дел од денот и ноќта го поминале во скривницата, а МНР се обидува да ги евакуира со помош на други земји и конвоите кои би ги организирале нивните амбасади.
„За жал, ситуацијата не е добра, посебно во Киев. Амбасадорот и дипломатот и двајца други граѓани кои се во амбасадата поголемиот дел од денот го поминуваат во скривница отколку во Амбасадата. Не може ни да одат во нивните резиденции, туку остануваат и преспале во Амбасадата. Се обидуваме да ги евакуираме. Јас имав неколку контакти со колеги и министри од регионот, има околу 20-ина амбасадори на ЕУ во Киев кои исто така не може да излезат“ вели Османи.
Според Османи, нашите дипломати и од скривница комуницираат со македонските граѓани во Украина, им даваат патни исправи, но за жал и оние граѓани кои имаат патни исправи во овој момент не можат да излезат. Османи директно комуницирал со семејство со едногодишно дете во источниот дел на Украина, а има и граѓани кои се во Одеса, за кои министерството контактирало со Бугарија која има таму конзулат. Се очекува со нивните автобуси да ги преземат и македонските граѓани.
Османи веќе имал средба со украинската амбасадорка. На прашање на ТВ24 дали планира средба и со рускиот амбасадор во земјата, Сергеј Баздникин — Османи децидно одговори дека нема таков план.
Денеска во официјална посета на земјата е српскиот министер за надворешни работи — Никола Селаковиќ кој имаше заедничка прес конференција со Османи, но тој во својот говор воопшто и не ја спомна Украина.
Селаковиќ замина пред новинарите да постават прашања и остана неодговорено — каков е ставот на Србија во однос на руската инвазија на Украина.
Министерот Османи не сакаше да коментира каков став за Украина му пренел неговиот српски колега.
Source link: www.24.mk




