Еврејската група „Лев Тахор“ останува во хотелот во Горно Лакочереј до 6. март

„Лев Тахор“ да останат во Горно Лакочереј до 6. март,, но под услов да не се движат подалеку од хотелот. Ова е условот на лакочерејци кој денеска беше потврден и пред градоначалникот Пецаков на состанокот во општина Охрид, а на кој присутни беа и претставници од Дебарско-кичевската епархија. 

Градоначалникот рече дека ги разбира и двете страни и затоа мора да се постигне компромис и да се смират тензиите.

Од Дебарското-кичевската епархија повикаа на толеранција и велат оваа религиозна група не е опасност за безбедноста на овдешните жители.

Лакочерејци повторно потенцираат дека од страв имале такви реакции за престојот на „Лев Тахор“. Сега го прифаќаат престојот, но под услов сите обреди групата да ги прави во хотелот.

Драмата меѓу жителите на Лакочереј и сопственикот на хотелот трае уште од неделата вечерта, кога групата пристигнала во ова охридско село. Станува збор за околу 40-тина членови на „Лев Тахор“, кои вчера потенцираа дека се дојдени во мир и не сакаат проблеми. Македонија им е само попатна дестинација, а тие ќе останат во држава која ќе ги прифати без предрасуди и осудувања.

Source link: www.24.mk