Камион се преврте на патарината кај светиниколско Кадрифаково

Иако првично најавено за април месец годинава, пуштањето во употреба на двете нови наплатни рампи на автопатот Миладиновци-Штип ќе биде одложено на неодредено време откако утрово камион удри во една од рампите кај светиниколското село Кадрифаково.

Според првичните информации на Јавното претпријатие за државни патишта, во сообраќајната незгода  во целост е оштетена една наплатна кабина а две се делумно оштетени. Од ударот се оштетени и две задни рампи а целосно се уништени и два линиски контролери. 

Очевидци на настанот зад камерата на ТВ 24 раскажаа дека камионот превезувал пластични гранули од кои се прават производи од пластика како што се најлонските кеси. Според нив возачот на камионот бил видно потресен и не се сеќавал како и зошто изгубил контрола над камионот.

Судејќи според трагите, сведочат очевидците, камионот почнал да кочи уште од почетокот на бетонските острови по што предниот дел се забил од десната страна а другиот дел во кој се наоѓал товарот ја удрил кабината од левата страна на патарината. 

Иако овој автопат кој официјално беше пуштен во употреба во јули 2019 година е обележан со сообраќајна сигнализација таму каде што се доградува тој не е доволно безбеден за возачите.

Сепак од МВР велат дека е рано да се каже што е причината за сообраќајната незгода. освен сообраќајната сигнализација, долж автопатот е поставена челична одбојна ограда, мрежа за заштита од животни, оптички кабел, звучни бариери, службени премини. Автопатот има четири ленти за возење и две ленти за застанување. Проектираната брзина е 130 километри на час.

Source link: www.24.mk