Отворен конфликт во Софија поради Скопје

Бугарскиот државен врв во отворен судир поради Македонија. Средбата на претседателот Пендаровски со ОМО Илинден го разниша единството во Софија, а бугарскиот претседател Радев и премиерот Петков влегоа во вербален конфликт.

Радев го критикуваше Петков дека посетата на Скопје, според него, е избрзана.

— Вистината е дека ние загубивме 30 години во овие односи. Не само што не е избрзана посетата туку беше ужасно задоцнета. Не од мене Кирил Петков како премиер, тоа беше задоцнето од бугарската држава да има активна позиција и да има конструктивен тон на дејствување, да има јасни цели и точен пристап. / Доброто е што надворешната политика на Македонија и на Бугарија зависи од премиерот и Владите на двете држави. — изјави Кирил Петков премиер на Бугарија.

Од коалициските партнери потегот на Петков го поддржа единствено претседателот на „Демократска Бугарија“, Христо Иванов. Вчера БГНЕС објави и дека вицепремиерката Корнелија Нинова одбила да патува во Скопје, испровоцирана од Пендаровски. Од нејзиниот кабинет за ТВ 24 одговорија дека посетата на Нинова на Македонија воопшто не била планирана, но не ги прокоментираа пишувањата во медиумите. 

Во Македонија пак, интелектуалци испратија отворено писмо до јавноста и политичарите по повод македонско — бугарското славење на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев . Голема листа на имиња меѓу кои Тодор Чепреганов, Никола Жежов, Благоја Марковски и многу други, чиј потпис им порача на политичарите да ги тргнат рацете од историјата.

— Дали „заедничното чествување“ е аминувано од страна на македонскиот дел од Комисијата за историски прашања? Не ја потценувајте сопствената историја и историчари. Генерации наназад оставиле трајни сведоштва за македонската опстојба низ вековите. 

Македонската влада овие денови е во нов обид за европска поддршка дуото Османи — Маричиќ денеска во Париз ги брифира француските дипломати за разговорите со Софија.

Source link: www.24.mk