Битолчани ноќва ќе ја поминат на улица по силниот земјотрес со епицентар во Грција

По серијата земјотреси доцна синоќа, битолчани ноќва ќе ја поминта на отворено. Земјотресите, три едноподруго од кои најсилниот со магнитуда од 5,6 степени, кои имаа епицентар во близина на грчка граница на 5 км североисточно од Лерин, а беа почувствувани и во Битола, предизвикаа материјални штети врз куќи, згради и други објекти, со пукање на тавани и ѕидови, испаднати ќерамиди.Сепак, според првите впечатоци нема посериозни оштетувања. Во моментов телекомуникациска мрежа во Битола е во прекин.

Земјотресот се почувствува и во Скопје Охрид, Велес и други градови во Македонија.

Како што соопшти Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, регистрира серија земјотреси чии епицентри се наоѓаат на 130 км јужно од Скопје во Грција во околината на Лерин.

„Првиот земјотрес кој се случи во 22 часот и 43 минути беше со Рихтерова магнитуда ML5.6 а беше најсилно почувствуван од населението во југозападниот дел на Републиката и тоа со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала. Во централниот дел од Републиката беше почувствуван со интензитет од IV степени а во Скопје и околината со интензитет од III — IV степени според истата скала. Вториот почувствуван земјотрес беше во 22 часот и 53 минути со Рихтерова магнитуда ML4.2 а беше почувствуван од населението во југозападниот дел на Републиката со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала. Според досегашните податоци овие земјотреси освен мала вознемиреност кај населението не предизвикаа материјални штети“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.

Земјотресот ги вознемири жителите на Лерин, бидејќи бил многу силен и плиток. Жителите на Лерин, според ЕРТ побегнале од своите домови и излегле на улиците на градот.

Source link: www.24.mk