Битиќи-Бектеши: Решен е проблемот со парното, граѓаните ќе имаат непрекината испорака до крајот на грејната сезона

Проблемот со снабдување топлинска енергија во Град Скопје и во општините е решен и домаќинствата до крајот на грејната сезона ќе имаат непрекината испорака на парно греење, соопштија на заедничката прес-конференција вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши.

Битиќи рече дека радијаторите на граѓаните на Град Скопје и на општините ќе останат топли до крајот на грејната сезона, додавајќи дека деновиве имало јавни превирања за тоа каде припаѓа одговорноста за решавање на овој проблем.

— Иако обезбедувањето топлинска енергија е јавна комунална услуга, која треба и е обврска на Град Скопје, сепак одговорно е потребата на граѓаните да е на прво место и затоа Владата тоа го направи, рече Битиќи.

Тој информира дека последните две недели сите економски ресори во Владата имале редовни состаноци на кои се разгледувале сите опции и можни решенија и додаде дека е пронајдено најпрагматичното решение, кое, како што рече, ги искористува сите законски можности со единствена цел — заштита на интересите на граѓаните.

— Вчера Владата донесе одлука во која побара од ТЕ-ТО да снабдува електрична енергија и пареа како енергенс за БЕГ во временски период од 5 часот наутро до 1 часот по полноќ до 31 јануари 2022 година. Владата во процесот на преговори со БЕГ и со ТЕ-ТО го заштити интересот на граѓаните и тие можат да бидат спокојни дека домовите ќе им останат топли,  нагласи Битиќи.

Министерот Бектеши информира дека проблемот со снабдување топлниска енергија во Град Скопје и во општините е решен и домаќинствата ќе имаат непрекината испорака на парно греење.  

— Владата на денешната седница на предлог на Министерството за економија, во соработка и со Регулаторната комисија за енергетика, со ЕСМ, со кабиентот на вицепремиерот,  ја донесе Уредбата во делот на критеирумите и условите за прогласување кризна сосотјба  на пазарот на топлинска енергија. Согласно оваа Уредба, ќе биде донесена одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија за што деталите ќе бидат дополнително утврдени, рече Бектеши. 

Со цел надминување на состојбите, најави дека Владата ќе обезбеди финансиски средства со кои ќе се субвенционираат сметките за топлинска енергија на сите граѓани кои ја користат оваа услуга. 

— Мерките кои се составен дел од Уредбата овозможувааат Владата преку ЕСМ да го стабилзиира пазарот на топлинска енергија. АД ЕСМ денес го потпиша договорот за набавка на електрична енергија со ТЕ-ТО до 31 јануари 2022 година. За реализација на овој договор ТЕ-ТО ќе произведе дополнителни количини на топлинска енергија,  покрај електричната, со што ќе се овозможи континуирано, квалитетно и економско исплатливо снабдување во овој период.  ТЕ-ТО има сигурен извор на гас и може да работи без пречки. Во периодов има активни договори за продажба на електрична енергија и ќе работи дополнително за време на викенд, а произведената електрична енергија ќе ја купува АД ЕСМ. Дополнитлено ТЕ-ТО наместо до 22 часот ќе работи до еден часот по полноќ и со ова ќе се произведе потребната топлинска енергија за Град Скопје и сите корисници, рече Бектеши.

Тој додаде дека до крај на грејната сезона се планира целокупната произведена електрична енергија од ТЕ-ТО да ја преземе АД ЕСМ со што ќе има доволно топлинска енергија за БЕГ.

— Како што информираа од БЕГ, во моментов компанијата не е во можност да работи самостојно и побара од Владата принудна управа. Донесена е одлука за склучување на договор за деловно техничка соработка помеѓу БЕГ и ЕСМ по задолжение од Владата.  Согласно ова задолжение, Владата во текот на наредната недела ќе донесе одлука и ќе го задолжи ЕСМ да склучи таков договор се со цел да ја продлабочи соработката со БЕГ.  Исто така за работењето на АД Скопје — Север ќе се склучи договор за деловно техничка соработка по истиот принцип. Со договорите за деловно техничка соработка сите права и обврски кои ги имале субјектите мируваат, а правата и обврските кои ќе настанат во периодот на важење на договорот ќе бидат на ЕСМ, образложи Бектеши. 

Како што информираше Бектеши на прес-конференцијата, АД ЕСМ ќе го менаџира целокупното финансиско работење преку посебна сметка и за тоа ќе доставува извештај до Владата во континуитет. АД ЕСМ, како што рече, веќе поседува лиценци за топлинска енергија и тие ќе бидат проширени откако ќе се добие согласност од РКЕ. 

— Како Влада сме целосно посветени во решавање на сите проблеми во интерес на граѓаните. Во изминатите неколку дена имавме исцрпни преговори и разговори со сите надлежни институции и успеавме да најдеме решение коешто согласно сите законски можности ја исполнувааат главната цел, а тоа е квалитетна услуга за домаќинствата. Ова решение кое што го постигнавме денеска обезбедува непрекината испорака на топлинска енергија за сите домаќинства во Град Скопје и општините кои се во рамки на Град Скопје, рече министерот Бектеши.

Тој појасни дека како Влада се подготвени 100-процентно да ги покријат трошоците во делот на зголемување од моменталната до реалната цена на топлинска енергија што ќе ја носи РКЕ во наредниот период.

Нагласи дека еден договор за решавање на прашањето е потпишан денеска, а еден ќе биде потпишан по формирањето на Владата и тој ќе се однесува на можноста ЕСМ да управува со БЕГ.

Директорот на ТЕ-ТО Димитар Кочовски нагласи дека е точно оти ресурсите на БЕГ се потрошени, но оти во договор со Владата земале обврска компанијата на одложено плаќање да и дава гас на БЕГ до крај на идната недела се додека, како што рече, не се овозможат услови за потпишување на договорот со кој ќе се обезбеди идна ликвидност за компанијата да може да ги извршува обврските.

— ТЕ-ТО сега го дава на одложено плаќање без наплата гасот до обезбедување на ликвидноста до потпишување на деловно техничка соработка, појасни тој.

Марко Бислимовски од РКЕ вели дека со постигнатото решение апсолуто ќе се подобри и квалитетот на испорака на топлинската енергија имајќи во предвид, како што нагласи, дека и ТЕ-ТО како когенеративна постројка ќе работи во режими на работа кои ќе ја олеснат работата на топланите во Град Скопје.

— Во овој момент како што кажаа и вицепремиерот и министерот за економија државата преку електрани на Северна Македонија на некој начин ќе внесе еден вид на принудна управа во работење на БЕГ, така што до завршувањето на грејната сезона бизнисот со топлинска енергија на Градот Скопје ќе биде под целосно управување на најголемата државна компанија од областа на енергетика – ЕСМ. На овој начин, рече, граѓаните ќе имаат непречена испорака на топлинска енергија до крај на сезоната со квалитет кој е гарантиран со правилата за снабдување со топлинска енергија, истакна Бислимовски на прес-конференцијата.

Source link: www.24.mk