Судење „Плацеви на Водно“

Поранешниот премиер Никола Груевски никогаш не се јавил за да интервенира како поранешните советници од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје да гласаат за ГУП донесен во 2012 година, во кој се опфатени и спорните парцели на Водно за кои тој и уште петмина други се обвинети во случајот „Плацеви на Водно“.

Вака сведочеа поранешниот претседавач на Советот, Ирена Мишева и тогашниот советник, проф. Др. Борче Георгиевски на денешното судско рочиште во Кривичниот суд Скопје. Поранешниор технички премиер Емил Димитриев пак кажа дека додека бил генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ со устен договор со Груевски тој бил задолжен само за политичкиот и организацискиот дел а  финансиските прашања ги водел неговиот претходник, Кирил Божиновски. 

„Во тој период не забележав никакви нерегуларности во однос на работењето на партијата. Ги следев ревизорските извештаи и не можам да кажам дека имало забелешки кои би имале некоја правна последица. Како премиер, Груевски никогаш не побара од мене да земам пари на рака од некоја донација, или тоа да го направи преку трети луѓе.“ — изјави Емил Димитриев поранешен ген.сек на ВМРО-ДПМНЕ.

На денешното рочиште сведочеше и геодетскиот инженер, вештакот, Лазо Малјански, кој вои детали сведочеше за изработката на геодетскио елаборат за спорните парцели на Водно и кажа дека тогаш биле запазени сите законски процедури. За тоа како потоа бил искористен елаборатот, Малјански рече дека нема податоци. 

— Најчесто физичка делба во реални делови се бара кога има потреба да се склучуваат договори за купопродажба или за поклони. Во овој случај, не е побарано да се изврши поделба на градежна парцела бидејќи градежна парцела и не може да се дели. Таа може да се дели само со измени на ДУП или со нов ДУП.“ — изјави Лазо Малјански геодетски инженер.

На денешното рочиште повторно не се појави поранешниот шеф на обезбедувањето на Груевски, Дејан Митревски – Урко ниту претставник на ВМРО-ДПМНЕ за да одговараат на прашања на обвинетите. Според обвинението Никола Груевски е обвинет за „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Орце Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“. Случајот го води судијата Илија Трпков, а обвинител е Лиле Стефанова.

Source link: www.24.mk