Терапијата со моноклонални антитела дава добар ефект кај пациенти заболени од ковид со тешки хронични заболувања

Терапијата со моноклонални антитела дава добар ефект кај пациенти заболени од Ковид со тешки хронични заболувања. До вакви сознанијата дошле на Инфективна клиника и во Ковид центарот на интерни клиники од  дадена терапија на околу 600 пациенти. Само двајца или тројца од нив починале.

Иако нема прецизна анализа, оваа коктел терапија со антитела која ја блокира инфекцијата делува добро, особено кај делта сојот, велат инфектолозите. Терапијата се дава еднократно во инфузија 

— Терапијата се дава строго по сериозни индикации во рана фаза до 10 тиот ден од болеста кај пациенти кои имаат коморбидитети, а имаат добар тек на живот со хроничната болест. Кај најголем дел од нив инфекцијата престанала, кај други продолжила, починаа двајца или тројца кај кои најверојатно лекот е даден доцна заради непрецизни податоци кога почнала болеста. — вели д-р Милена Стевановиќ, директорка на Клиниката за инфективни болести.

И во ковид центарот на интерните клиники за 24 ТВ потврдија дека од досега дадените 100 ампули имаат позитивно искуство, а не починал ниту еден пациент.  Според  протоколите терапијата се дава кај пациенти со лесен тек на болеста, кои не се зависни од кислород, за да се превенира лошиот тек поради хроничната болеста, како леукемија, малигни, имунолошки заболувања и слично. 

Министерството за здравство во јули набави терапија за третман на 1200 пациенти. Лекот е набавен преку рамковна спогодба на кој ексклузивно право имаа 19 земји членки на Европската унија, велат во Министерството за здравство. Тендерот е спроведен од Европската комисија во Брисел,а средставата се обезбедени преку Светска банка. Јавната набавка е за период од две години, а првата чини околу 585 милиони денари.

Source link: www.24.mk