Мицкоски: Не планираме, засега да ги оспориме пред Уставен двојазичните униформи

Темата за двојазичните амблеми на униформите на полицијата е за дефокус на јавноста, тврди  лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но засега не планирал да ja оспорува пред Уставен и вели тоа ќе го оставел на Левица оти имало многу поприоритетни теми во моментот пред кои државата била исправена. Сепак вели ќе го почекал екипирањето на уставните судии за да ја донесат тие одлуката.

Најголемата опозициска партија ниту во изминатите неколку денови не се произнесе кој е нејзиниот став по однос на уставноста на двојазичните амблеми на полициските униформи, а пак Левица повикувајќи се на амандманот 5 од Уставот посочија дека ова е противуставно и ги разгледуваат сите можности за евентуално покренување на постапка за оспорување.

„Уредбата е спротивна на амандманот V од Уставот, согласно кој службен јазик на целата територија е македонскиот јазик и неговото писмо. Оваа Уредба е спротивна и на Законот за полиција согласно кој, полицијата ја врши унифицирано својата работа на целата територија на државата. Притоа, веќе постои Правилник со кој се уредуваат ознаките на униформата и согласно кој, истите се идентични на целата територија на државата и истите не може да се разликуваат во зависност од општините каде се извршува работата“.

Коалициските партнери во власта СДСМ и ДУИ и нивните владини претставници пак веќе посочија дека оваа одлука произлегува од Законот за употреба на јазиците и не е никакво изненадување со тоа што пак Министерот за внатрешни работи — Оливер Спасовски посочи дека промената се однесува на локално, а не на централно ниво, односно во местата каде покрај македонскиот, национален е и албанскиот.

Она што е познато е дека до екипирањето на новиот состав на уставните судии се поизвесно е дека како точки за кои ќе треба да дискутираат и одлучуваат се токму 13 претставки за Законот за употреба на јазиците и иницијативата за преиспитување на уставноста на двојазичните амблеми на полициските униформи. 

Законот за употреба на јазиците беше клучен договор меѓу Заев и Ахмети за формирање на Владата во 2017-та. Најпрво се предвидуваше и банкнотите и армиските униформи да бидат двојазични, но по реакцијата на експертите, Владата се повлече. 

Комплетнипот закон од Венецијанската комисија беше оценет дека излегува од рамките на Уставот.

Source link: www.24.mk