Кочанските еко активисти бараат фабриката „Пејпар мил“ да престане со работа додека не се исполнат сите европски стандарди

Кочанските еко активисти бараат фабриката за хартија да престане со работа се додека не се исполнат сите европски стандарди. Велат дека иако не е единствениот сепак „Пејпар мил“ е еден од најголемите загадувачи на воздухот. Своите тврдења ги поткрепуваат и со записници на државните инспектори кои во неколку наврати констатирале прекумерно загадување, но се завршува тука.

Од менаџментот на „Пејпар мил“ велат дека тие работат согласно дозволата. Поставиле филтер на фабричкиот оџак, користат сертифицирани сончогледови пелети како гориво, а не им е прифатливо барањето на еко активистите да користат метан.

„Јас не можам да разберам од каде доаѓа тоа барање што е апсолутно нелогично. Прво во Кочани нема метан. Имаме меморандум потпишан лани со Владата дека по две години од потпишувањето ќе има гас во Кочани. Кога ќе има гас, можеме да зборуваме. Но во оваа фаза — нема гас“ — вели Јулијан Даскалов, директор на „Пејпар мил“.

Еко активистите од Кочани тврдат дека освен воздухот, фабриката за хартија ги загадува и водите и почвата бидејќи се уште не е готова пречистителната станица што според дозволата требаше да биде ставена во функција уште во 2019-та година. 

Водата до лани се испуштала преку канал, а од годинава директно во полето. 

Од „Пејпар мил“ велат изградбата е завршена и сега се поставува електронскиот систем за контрола на процесот. Кочанските еко активисти по протестот на почетокот од месецов, решија на институциите да им дадат рок од 30 дена да се реши проблемот со загадувањето. Во меѓувреме се чека одговор и по граѓанската пријава со која се бара да се утврди дали има одговорност за аерозагадувањето од оваа фабрика што кочанското Обвинителство еднаш ја отфрли, а по налог на Вишото обвинителство од Штип ја продолжи истрагата. 

Source link: www.24.mk