Портпарол на нуклеарката Запорожје: Ракетирањето, засега, запре

Андреј Туз, портпарол на нуклеарната централа Запорожје, изјави за Би-Би-Си дека гранатирањето засега престанало, но ситуацијата е крајно неизвесна. 

– Бомбардираа сè што можеа, вклучително и блоковите и сè друго. Тешко е да се каже, сè уште ги собираме сите информации. Бел автомобил тргна кон влезната рампа, трепкајќи со фаровите. Сега се утврдува дали ќе започнат преговори или што ќе се случува натаму, рече Туз.

Украина ѝ соопштила на МААЕ дека „голем број руски тенкови и пешадија „ја пробиле блокадата“ до градот Енерходар, на неколку километри од нуклеарната централа Запорожје (НПП)“, се вели во соопштението на МААЕ. 

Се огласи и Белата куќа, која соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата. Претседателот Џо Бајден само што имал телефонски разговор со неговиот украински колега Володомир Зеленски на оваа тема, јави Си-Ен-Ен.

Американскиот претседател Бајден ја повика Русија да престане да ја гранатира  АЕЦ Запорожје во Украина и да дозволи вонредни служби да пристапат до објектот. Висок американски функционер рече дека „нашите најнови информации не покажуваат индикации за повисоки нивоа на радијација и внимателно следиме“.

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека руското гранатирање на нуклеарна централа во југоисточниот украински град Запорожје може „директно да ја загрози безбедноста на цела Европа“.

Еден од реакторите во најголемата АЕЦ во Европа каде има шест реактори, се запали откако беше гранатиран од руски сили. Иако реакторот е во фаза на реновирање, според портпаролот на електраната, тој сè уште содржи нуклеарно гориво.

Во телефонскиот разговор со украинскиот претседател Зеленски, Џонсон вети дека ќе побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН во обид за прекин на огнот. Даунинг стрит ситуацијата во Запорожје ја нарече „исклучително загрижувачка“. 

Во соопштението портпаролката на кабинетот на премиерот рече: „Двајцата лидери се согласија дека Русија мора веднаш да го прекине нападот врз електраната и да дозволи неограничен пристап на службите за итни случаи до централата.

Source link: www.24.mk