Со обезбедувањето на парламентарно мнозинство исполнета е целта за обезбедување стабилна Влада, заклучија вечерва лидерите на СДСМ и ДУИ, Димитар Ковачевски и Али Ахмети на средбата на која учествуваше и се’ уште актуелниот премиер, Зоран Заев.
„Исполнета е целта за обезбедување стабилна Влада и стабилно парламентарно мнозинство кои дејствуваат исклучиво во интерес на граѓаните и државните интереси. Заев, Ахмети и Ковачевски се согласни дека новата Влада ќе биде целосно фокусирана на забрзано движење на државата по евро-атлантскиот пат и дека првата цел и голем успех на Владата ќе биде наоѓање решенија за предизвиците во односите со Бугарија и почеток на преговорите за членство во Европската Унија“
На средбата било заклучено и дека следните парламентарни избори треба да бидат редовни и да се одржат во 2024 година. Освен Ковачевски, Ахмети и Заев на средбата присуствуваа и првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем, Артан Груби како и вицепремиерот за борба против корупцијата и генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски како и поранешниот организациски секретар на партијата, Миле Зечевиќ кој се’ погласно се споменува како заменик на Николовски на партиската функција.
На вечерашната среба во Владата и’ претходеше и средба помеѓу Ахмети и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. По средбата, Мискоски изјави дека било разговарано за две прашања. Во однос на Бугарија, Мицкоски смета дека е потребен нов пристап врз основа на Декларацијата донесена во Собранието а во однос на евентуални нови предвремени парламентарни избори, Мицкоски смета дека тие се неопходни.
Денеска и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши порача дека очекува стабилно парламентарно мнозинство но и дека ако 61 пратеник гласаат за предвремени избори тогаш изборите ќе бидат неминовни.
Според најавите, се очекува до крајот на идната недела, Заев да ја поднесе премиерската оставка по што ќе започнат процедурите за формирање на новата Влада под водство на новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Source link: www.24.mk