Османи: Повикот за бојкот причина за разликите во бројот на државјани во дијаспората

Мислам дека повикот за бојкот беше најголемиот фактор за малиот број попишани наши државјани во одредени држави и ние го почувствуваме тоа во текот на Пописот, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг, коментирајќи ја разликата во бројот на лица кои со Пописот се вбројани во дијаспората и оние кои се пресметани според бројот на државјанства.

– Уште за време на пописот нашите дипломати не информираа дека повикот за бојкот го дава резултатот, особено во Канада, САД и Австралија и тоа, за жал, се одразува и во бројките кои што ги имаме, нагласи Османи.

Тој потенцираше дека сите наши дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП) биле максимално ангажирани подеднакво во секоја држава.

– Сега се разбира во Европа имаме повеќе ДКП којшто можат да покријат за нашите во дијаспората, за разлика од Австралија каде што имаме една Амбасада и Конзулат на целата територија на Австралија и не можат ни физички да ја покријат, за разлика од Европа каде може тоа физички да се постигне, наведе Османи.

Министерот за надворешни работи, на новинарско прашање во врска со изборот на кандидати за амбасадори, наведе дека се избрани шест кандидати, но оти законски се уште не може да зборува за кои лица станува збор.

–  Нема да можам да спомнам конкретни имиња. Тоа што можам да го кажам е дека е вистина оти шест кандидати за амбасадори се одобрени од страна на Владата на последниот состанок. Ќе чекаме одобрување од земјите, а потоа ќе можеме да ги коментираме нивните имиња. Според Законот, јас не смеам да ги спомнам тие имиња, рече Османи во одговор на новинарско прашање околу тоа дека во јавноста се шпекулира оти меѓу кандидатите за амбасадори се и Теута Арифи и Виктор Димовски и дали при изборот се филтрира нивната морална одговорност. 

Source link: www.24.mk