Средба Османи – Хјуитфелд: Норвешка е посветен поддржувач на нашите интегративни процеси

Норвешка отсекогаш била посветен поддржувач на нашиот реформски процес во контекст на интеграцијата во НАТО и ЕУ, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната средба во Осло со неговата норвешка колешка Аникен Хјуитфелд.

– Благодарни сме за континуираната билатерална поддршка што ја давате за унапредување на нашите интегративни процеси во ЕУ, нагласи Османи, кој денеска престојува во официјална посета Норвешка.

Како што соопштија од МНР, на средбата Османи и Хјуитфелд изразија задоволство што двете држави во речиси 30-годишната соработка, воспоставија партнерски и пријателски односи, кои се карактеризираат со редовен политички дијалог.

Шефот на дипломатијата Османи изрази благодарност за континуираната поддршка што ја добива нашата земја од Норвешка во изминативе три децении, при што оваа нордиска земја се вбројува меѓу земјите најголеми билатерални донатори за имплементација на реформската ЕУ агенда на Северна Македонија.

Министерката Хјуитфелд изрази уверување дека Норвешка ќе продолжи да ја поддржува нашата земја во развивањето на нејзините капацитети за постигнување на нејзините надворешно-политички приоритети.

На средбата беа разменети мислења околу соработката во рамки на НАТО, пред се, имајќи ги предвид актуелните предизвици за евроатлантската безбедност.

 

Source link: www.24.mk