Тренчевска: 36.000 домаќинства приматели на гарантирана минимална помош ќе добиваат по 1.000 денари во наредните три месеци

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во вечерашното гостување во вестите на ТВ 24, рече дека пакетот од 26 мерки што го донесе Владата, покажува грижа за сите граѓани и за компаниите, но дека мерките се со посебен акцент за  помош на најранливата категорија на граѓани.

Таа посочи дека од антикризниот пакет кој изнесува 400 милиони евра, за мерката финансиска поддршка за примателите на гарантираната минимална помош по 1.000 денари во наредните три месеци, ќе бидат одвоени околу сто и десет милиони денари.

— Оваа мерка значи дека 36.000 домаќинства во март, април и мај со исплатата на надоместокот во јуни ќе добијат дополнителни 1.000 денари или вкупно 3.000 денари повеќе во семејниот буџет. Со овие средства дополнително им помагаме на примателите на гарантираната минимална помош, да ги ублажат последиците од кризата, бидејќи бидејќи  ќе им помогнат при купувањето на основните прехранбени производи. Ние како Владата овозможивме примателите на ГМП наместо да примаат по 1.000 денари само во грејната сезона, оваа помош сега да ја примаат 12 месеци, рече Тренчевска.

Министерката информираше  дека со 400 милиони евра наменети за помош за граѓаните, буџетот останува стабилен, бидејќи во проекциите на владините мерки учествуваа сите министерства. Таа не ја исклучи можноста, доколку кризата се продлабочи, на владина седница, да се отвори прашањето за нови мерки, особено за помош на граѓаните од најранливата категорија.

Source link: www.24.mk