ДКСК: Екс градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски бесправно дозволил изградба на објект

Антикорупционерите ќе го гонат поранешниот градоначалник на Гази Баба, Борис Георгиевски – Документите покажале дека дозволил бесправно да се изгради продажбено-изложбен салон за автомобили злоупотребувајќи ја службената положба и овластување. Пријавата против него ја доставил советник во Општината од минатиот состав.

Документите од спорната градба ги добиле од новото раководство, во кои е наведено дека целата постапка почнала во 2018 година, кога бил направен планот за градба на салонот, на земијште на кое во моментот имало челична конструкција, а кое е сопственост на фирмата Електрометал. Во јануари 2019 година, фирмата добила решение за уривање на објектот, но наместо тоа, градењето продолжило. Пет месеци подоцна, новиот салон за автомобили бил пуштен во употреба.

Одобрението за градба, според антикорупциската комисија, било донесено во февруари 2020 година. Според Комисијата, градбата е почната без претходно да се донесе деталниот урбанистички план за тој дел на Општината.

Телевизија 24 стапи во контакт со поранешниот градоначалник, Борче Георгиевски. Иако најпрво рече дека ќе ни даде изјава, подоцна не сакаше да го коментира случајот и неколкупати ги одби нашите повици. Став побаравме и од Електрометал, од каде рекоа дека ќе не контактираат, но до овие вести, не го сторија тоа.

По неуспешните обиди да се урне, според антикорупционерите, инспекторот од Општина Гази Баба се повлекол од функцијата.

Државната комисија за спречување коурпција спровела постапка и за набавката на противпожарна автомеханичка скала, на барање на тогашниот градоначалник, Петре Шилегов, кој ја изврши набавката. Минатата недела, од Обвинителството за организиран криминал добиле барање сите прибрани документи за овој случај да бидат доставени до нив, бидејќи тие имале отворено предмет за набавката.

Од обвинителството потврдија дека сучјаот е во постапка, посочувајќи дека документите ги добиле вчера. Шилегов во телефонски разговор пак, кратко ни потврди дека е запознаен дека за набавката на скалите се води случај во обвинителството, бидејќи опозицијата ја поднела пријавата, без да ја коментира истата.

Source link: www.24.mk