Петков: Не доаѓам со никаков анекс на договорот, туку со подготвеност за нов почеток

Новиот бугарски премиер Кирил Петков во вторник доаѓа во Скопје со џебови полни добра волја, а не со анекс на постоечкиот Договор за добрососедство. 

Во интервју за МИА, тој порачува дека е подготвен за нов почеток на преговори и дијалог кој ќе биде подинамичен, ќе ја врати довербата меѓу двете земји и ќе донесе резултати за максимално краток период. Телефонскиот разговор со Ковачевски – тој го оценува како конструктивен и се надева дека во вторник ќе се договорат околу формирањето на петте работни групи – за економија, култура, инфраструктура, евроинтеграција и историја. 

„Не, не. Доаѓам со конструктивен тон и подготвеност да почнеме да работиме заедно. Немам подготвен документ или нешто, бидејќи сите тие документи немаат поента, ако не им дадеме вистинска мотивација дека мора да ја завршиме работата. Јас предлагам документите да ги оставиме како втор чекор, а прво да почнеме, за да има нешто за што ќе пишуваме во следниот документ. Инаку, опасноста е дека ние ќе напишеме документ и после што од тоа“ вели Петков.

Петков останува на ставот донесен со консензус кај Радев, да нема временски рок за решение, и вели дека решението зависи само од подготвеноста на Скопје и Софија да подадат рака и да ја завршат работата.  

Од друга страна, посочува дека има деструктивни сили и во Македонија и во Бугарија, кои се поврзани со корупција и тежнеат кон назадување и работат против добрососедството. 

За новиот пристап на Петков — експертите со различни ставови. 

Ерол Ризаов за емисијата „ЕвропаТ“ на ТВ24 вели дека официјална Софија овој период е многу внимнателна во јавните настапи со барањата кон Македонија, но тоа не значи дека старите позиции се избришани. 

„Кога сакате нешто да не решите, правите комисии и тој предлага комисија. Ако тие комисии почнат да ја одолговлекуваат работата во недоглед, тоа ќе биде полошо и од оваа научна – историска комисија“ — вели Ризаов. 

Претседателот на Советот на амбасадори, Мухамед Халили во интервју за Радио Слободна Европа вели дека позитивен исчекор на Бугарија е тоа што ќе се фокусира наместо на историја, на економија.

Петков заедно со шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, министерот за транспорт и врски и потпретседателот на Народното собранието, на 18-ти јануари ќе допатува во прва официјална посета на Скопје и ќе се сретне со новиот премиер Ковачевски.

Source link: www.24.mk