Ѓоковиќ го загуби спорот со судот во Австралија, мора итно да ја напушти земјата

Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, ноќеска го загуби спорот пред Федералниот суд на Австралија, со што и официјално влезната виза му е добиена и сега, што поскоро, мора да ја напушти земјата, соопштено е утринава по неколкучасовната судска расправа. Одлуката на судечкиот совет била едногласна, а во текот на денот или утре таа детално ќе биде образложена.

Ѓоковиќ дефинитивно нема да ја брани титулата на Австралија опен, а голема е веројатноста поради тоа да го загуби првото место на АТП листата.

Светскиот рекет број 1 веднаш излезе со реакција откако не успеа со жалбата против одлуката за укинување на австралиската виза.

„Сега ќе направам пауза за да се одморам и да закрепнам, а дополнително ќе дадам коментари подоцна. Крајно сум разочаран од одлуката што значи дека нема да можам да останам во Австралија и да се натпреварувам на Австралија опен. Но, јас ја почитувам оваа одлука и ќе соработувам со властите за моето заминување од Австралија. Засрамен сум што последните неколку недели целото внимание беше насочено кон мене и се надевам дека сега ќе можеме да се фокусираме на натпреварите и турнирот што го сакам. Би сакал да им посакам успешен турнир на играчите, натпреварувачките работници, волонтерите и навивачите ширум светот. И, сакам да им се заблагодарам на моето семејство, пријателите, тимот, навивачите и сонародниците за нивната постојана поддршка. Тоа ми даде многу сила“ — се вели во првичната реакција на Ѓоковиќ по одлуката за негова депортација од Австралија.

Сагата на Србинот во Мелбурн започна на 5 јануари по пристигнувањето за да учествува на Австралија опен, кој започнува утре, 17 јануари. Австралиската гранична стража го приведе тенисерот на аеродромот и по сослушувањето ноќта на 6 јануари, му ја откажа визата на Србинот, бидејќи се обидел да влезе во Австралија без соодветна документација за медицинско ослободување од вакцинација против коронавирус. Граничната служба дадените податоци ги смета за недоволни. Тогаш тенисерот требаше да биде депортиран, но судот ја укина оваа одлука по жалбата на спортистот на 10 јануари.

Австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук на 14 јануари донесе лична одлука и објави дека визата на Ѓоковиќ е укината по втор пат. Како одговор, Србинот повторно се жалеше до Федералниот суд на Австралија.

Според австралиската влада, присуството на Ѓоковиќ во земјата е јавна закана, бидејќи за многумина, особено за луѓето кои не сакаат да се вакцинираат, тој е икона и пример. Адвокатите на тенисерот уверуваат дека ваквата одлука нема доволно докази.

Source link: www.24.mk