МНР: Македонските граѓани во Казахстан се на безбедни локации

Во соопштение од Министерството за надворешни работи информираат дека редовно ја следат состојбата во Казахстан и преку македонската Амбасада во Нур – Султан се во постојана комуникација со нашите државјани кои се наоѓаат во земјата. 

„И покрај честиот прекин на интернет и телекомуникациските мрежи, сепак се остварува редовен контакт со нашите државјани, кои се наоѓаат на безбедни локации. Засега само двајца наши државјани се обратиле до амбасадата, поради ситни потреби на чие барање е веднаш одговорено; но, ниту еден од споменатите не се наоѓа во загрозена состојба“ информираат од МНР.

Остануваат во сила препораките упатени до граѓаните на Северна Македонија да не патуваат во Казахстан, а оние кои во моментот се наоѓаат во земјата, да не ги напуштаат објектите каде што се сместени и да избегнуваат собири на јавни локации поради влошената безбедносна состојба.

Македонското МНР ќе продолжи да ги следи случувањата во Казахстан и ќе излезе со дополнителни препораки за нашите државјани, доколку за тоа се јави потреба, велат оттаму.

Source link: www.24.mk