Омикрон откриен кај девет пациенти

1197 новозаразени со ковид-19 во едно деноноќие, или пет пати повеќе во однос на вчера, регистрираше Министерството за здравство во последните 24 часа. По девет месеци, земјава повторно се соочува со четвороцифрени бројки на дневни инфекции.

Откриени се и девет случаи со омикрон и тоа при проверка на 24 заразени со Сарс-ков2, што дава висок процент од 37,5 отсто. Омикронот станува доминантен сој, велат епидемиолозите. Според нив, новогодишните празнувања си го земаат данокот. На вакво сценарио предупредуваше микробиологот др. Никола Пановски. За него е чудно што при вакви лабави мерки, бројките и досега стагнираа.

Најмногу случаи има во Скопје – 766, по што следдуваат Битола со 94 и Прилеп со 56 новозаразени. Во последното деноноќие битката со вирусот ја загубија 12 граѓани, од кои најмладиот има 41, а највозрасниот 90 години. Пановски вели дека здравствените власти не смееле да ја остават земјата без никакви мерки, во ситуација кога омикрон сојот е високозаразен.

Сепак, Пановски вели дека најлошото е зад нас, иако очекува земјава да го надмине рекордот на дневно заразени. Според него, петтиот бран веќе почна, но прогнозира лесни клинички слики кај заразените, а набрзо и крај на пандемијата.

Source link: www.24.mk