Расте бројот на деца со сезонски вируси и грип

Се намалува бројот на деца болни од ковид, но расте бројката на деца со сезонски грип. Од детската болница КОЗЛЕ велат дека најголем дел од прегледите во амбулантите се поради настинки и сезонски вируси. Дел од причините, според лекарите се поради прoтоколите кои предвидуваат настава со отворени прозорци и врати и често проветрување. 

„Сега е поголем бројот на деца кои се јавуваат во нашите амбуланти со настинки и сезонски грип, значи се враќаме во нормала како пред епидемијата, но добро е што немаме деца кои се позитивни на ковид 19.“ — вели д-р Бесник Зекири – Директор на Детска Болница Козле. 

И групите во градинките се намалуваат. Според податоците што ги доби ТВ 24 од Министерството за труд и социјала — во градинките изминатава недела е пријавено дека има вкупно 10 вработени и 2 деца кои се позитивни на вирусот, а во текот на претходната недела 13 вработени и 7 деца кои што се позитивни.  

— Министерството продолжува будно да ја следи состојбата во детските градинки, со цел навремена реакција во случај на промена на состојбата. — изјавија од МТСП.

Во училиштата пак во моментов само 0,18% од од вкупниот број на ученици со физичко присуство се активни случаи. 

— Согласно податоците кои ги добиваме секој ден од училиштата, бројот на новозаразени ученици со Ковид 19, во месец декември бележи намалување и на дневна основа изнесува околу 0,01 % од вкупниот број на ученици кои посетуваат настава со физичко присуство. — велат од МОН.

Д-р Зекири пак вели дека нема простор за паника и дека зимскиот распуст дополнително ќе го ублажи ширењето на ковид и на сезонскиот вирус. 

„Сега ќе бидат во домашни услови и веруваме дека нема да има зголемување на деца со сезонскиот грип ниту пак со ковид 19 деца со новиот сој.“ — вели др. Зекири. 

Дека се зголемува бројот на заболени од грип, покажуваат и податоците од ИЈЗ. За разлика од минатата година кога го немаше воопшто, сега се појави одеднаш, а најголем пораст е забележан кај деца до 4 годишна возраст.

Source link: www.24.mk