Се намалува бројот на деца болни од ковид, но расте бројката на деца со сезонски грип. Од детската болница КОЗЛЕ велат дека најголем дел од прегледите во амбулантите се поради настинки и сезонски вируси. Дел од причините, според лекарите се поради прoтоколите кои предвидуваат настава со отворени прозорци и врати и често проветрување.
„Сега е поголем бројот на деца кои се јавуваат во нашите амбуланти со настинки и сезонски грип, значи се враќаме во нормала како пред епидемијата, но добро е што немаме деца кои се позитивни на ковид 19.“ — вели д-р Бесник Зекири – Директор на Детска Болница Козле.
И групите во градинките се намалуваат. Според податоците што ги доби ТВ 24 од Министерството за труд и социјала — во градинките изминатава недела е пријавено дека има вкупно 10 вработени и 2 деца кои се позитивни на вирусот, а во текот на претходната недела 13 вработени и 7 деца кои што се позитивни.
— Министерството продолжува будно да ја следи состојбата во детските градинки, со цел навремена реакција во случај на промена на состојбата. — изјавија од МТСП.
Во училиштата пак во моментов само 0,18% од од вкупниот број на ученици со физичко присуство се активни случаи.
— Согласно податоците кои ги добиваме секој ден од училиштата, бројот на новозаразени ученици со Ковид 19, во месец декември бележи намалување и на дневна основа изнесува околу 0,01 % од вкупниот број на ученици кои посетуваат настава со физичко присуство. — велат од МОН.
Д-р Зекири пак вели дека нема простор за паника и дека зимскиот распуст дополнително ќе го ублажи ширењето на ковид и на сезонскиот вирус.
„Сега ќе бидат во домашни услови и веруваме дека нема да има зголемување на деца со сезонскиот грип ниту пак со ковид 19 деца со новиот сој.“ — вели др. Зекири.
Дека се зголемува бројот на заболени од грип, покажуваат и податоците од ИЈЗ. За разлика од минатата година кога го немаше воопшто, сега се појави одеднаш, а најголем пораст е забележан кај деца до 4 годишна возраст.
Source link: www.24.mk