Собранието изгласа – недела неработен ден од 1 јануари

Собранието денеска во второ читање ги усвои законските измени за работни односи кои ја дефинираат недела како неработен ден. Тие треба да почнат да се применуваат од 1 јануари.

Прецизирани се дејностите во кои неделниот одмор може да се замени и со друг работен ден и тие по проценките се неопходни за нормално функционирање на општеството. Измените предвидуваат за 50 проценти поголема дневница и слободен ден за тие што ќе работат во недела, а се дел од овие дејности. За 100 отсто поголема дневница и слободен ден се предвидува за оние работници кои ќе работат во несуштинските дејности, што е регулирано со Законот за трговија, за кој пратениците треба денеска да расправаат.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на собраниската седница истакна дека со овие измени, кои треба да почнат да се применуваат од 1 јануари следната година, се овозможува воспоставување баланс меѓу приватниот и семејниот живот на работниците во нашата земја. Со ова законско решение, рече, 92 проценти од работниците ќе имаат можност во недела да практикуваат семејни, но и социјални дружења и на тој начин, како што нагласи, ќе се генерира поголемо задоволство и поголема мотивираност, која, според неа, ќе доведе до зголемување на продуктивноста во компаниите и во јавните институции каде ќе работат.

– Законското решение превидува додаток на плата од најмалку 50 проценти за секој изминат час на работа и ден на неделен одмор кој ќе се користи во следните седум дена. Би сакала да ве повикам сите во интерес на оние кои не гласаат и поддржуваат да го поддржиме ова законско решение и конечно по барањето на работниците, низ една широка и транспарентна дебата што ја правевме во МТСП на петте седници на ЕСС и во директни контакти и разговори со стопанските комори, ова законско решение да го види светлото на денот, рече Шахпаска.

Пратеничката Ангелинка Петкова од ВМРО-ДПМНЕ смета дека законското решение е далеку од идеално и оти на него имале забелешки и синдикатите и работодавците. Ние, нагласи таа, немавме можност да го подобриме низ амандманска расправа, затоа што амандманите кои пратеничката група ги поднела не биле ставени на разгледување од причини, како што посочи, познати на претседателот на Собранието.

– На тој начин како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не ни беше овозможено да влијаеме на подобрување на ова законско решение. Затоа, како ќе влијаат овие измени врз работниците, врз компаниите со неговата примена од 1 јануари следната година одговорноста ќе ја оставиме да биде само на власта, рече Петкова.

Согласно усвоените законски измени, работодавците кои ќе го прекршат законот ќе се соочат со забрана за работа од 15 дена и прекршочна пријава. Доколку работодавецот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавецот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа, не смее да го намали бројот на вработените.

Законот помина на владина седница на 8 јуни годинава. Од Владата тогаш посочија дека со ова се врши усогласување на приватниот и професионалниот живот на работниците. Тоа, рекоа, ќе резултира со поголемо задоволство на работниците и зголемена мотивираност во работењето, што понатаму ќе придонесе за поголема продуктивност, подобри економските резултати на работодавците, а со тоа и на работниците. Синдикатите и тогаш и сега бараат поголеми заштитни механизми. Работодавачите сметаат дека решението е добар компромис, до кој се дошло по подолги разговори меѓу социјалните партнери.

Пред официјалниот почеток на кампањата за локалните избори што се одржаа на 17 октомври, пратениците не успеаја да ги донесат измените на Законот за работни односи со кои недела требаше да се прогласи за неработен ден за повеќето дејности. Тие, требаше да бидат донесени порано и да почнат да се применуваат од 1 октомври, но, заглавија на второ читање на собраниската Комисија за труд и социјална политика, на која требаше да има амандманска расправа, а на неодредено време беше одложена и пленарната седница на чиј дневен ред беше ова законско решение.

На законски измени за воведување на недела како ден за одмор работеше и Министерството за економија. Тоа ги изготви измените на Законот за трговија со кои се регулира ова прашање во делот на работата на несуштинските дејности. Пратениците по паузата што ја даде претседателот на Собранието Талат Џафери ќе продолжат со работа по седница на чиј дневен ред е токму овој закон. За времето во кое ќе се одржи оваа седница, рече Џафери, пратениците ќе бидат дополнително известени.

 

Собранието денеска на 57-та седница ја усвои и Одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина.

Source link: www.24.mk