Политичките превирања за отворените прашања се главна причина за дезориентираност на граѓаните

Наместо решевања на отворените прашања – секојдневните меѓусебни обвинувања на власта и опозицијата се повеќе ги дезориентираат граѓаните – сметаат дел од познавачите.  

Ковид пандемијата, политичката, енергетската криза, спорот со Бугарија се најчести теми на политички препукувања кои според аналитичарите лошо влијаат на перцепцијата на граѓаните и за политичарите – но и воопшто водењето на државата.

Податоците од последното истражување на Институтот за демократија и БИЕПАГ – покажуваат дека во земјава нема доверба во институциите, а дури две третини од граѓаните не им веруваат на политичарите.

Дури 68 отсто од испитаниците не им веруваат на политичарите, 59 отсто имаат недоверба во Владата, а дури 58 отсто во судството.    

„Вината можеме да ја бараме во самите институции, во политичарите, но со вакви лоши резулати прашањето е како можат истите тие да придонесат за подобрување на имиџот на институциите. Така да постои одговорност на многу нивоа. Но очигледно треба да се работи на развивање на самите институции, за да можат тие институции преку демократските процедури кои што постојат да одговорат на кризи, на справување со кризи, наместо се да зависи од директор, се да зависи од министерот, премиерот. Туку треба самите институции да бидат отпорни за да можат сами да се справат со вакви ситуации“ — вели Зоран Нечев – Институт за демократија.

Кога на врата ќе тропнат проблеми, не треба да има натпревар — туку да се испорачаат резултати, смета поранешниот амбасадор, Ѓорги Филипов. Како што вели, сите сме во иста тава — политичките партии се уште не разбрале дека за некој работи не треба да има натпревар туку соработка, по примерот на Германија.

„Да се користат моменти надворешно политички за лични или партиски промоции, а утре таа партија ќе се наоѓа во истиот лонец пак, што се променило. Ништо не се променило. Ако некој биде виновен за воопшто како што велат, дали ќе опстане Македонија – тоа ќе бидат двете најголеми политички партии во земјава. Затоа што не нашле сили, не ги совладале нивните“ — смета Филипов.

Истражувачите велат дека дезориентираноста на граѓаните во земјава ги води кон погрешен правец – демократијата во време на кризи паѓа во втор план, а се повеќе расте тенденцијата граѓаните спасот за подобар живот да го бараат во авторитарен режим. Експертите порачуваат дека целата политичка елита во Македонија мора да посвети внимание на граѓанинот и место партиски — да се посвети на државните интереси.

Source link: www.24.mk