Обезбедено е стабилно мнозинство, договорот со Алтернатива ќе стане дел од владината програма

Постигнатиот договор со „Алтернатива“ обезбеди стабилно мнозинство во Собранието и стабилна Влада. Ваквото мнозинство, според премиерот Зоран Заев, ќе работи на обезбедување контиунитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговорите за членство во ЕУ и на остварување на приоритетите од владината програма која ќе биде надополнета со договорот постигнат со Алтернатива.

Од ДУИ, која е коалиционен партнер на СДСМ, немаат против влезот на Алтернатива во Владата. Велат дека биле целосно информирани за разговорите и дека премиерот ги водел разговорите во име на коалицијата. Помалите коалициски партнери сметаат дека е добро што се зголемува парламентарното мнозинство за уште четири пратеници и оценуваат дека сега на земјава не и се потребни предвремени парламентарни избори.

На средбата со премиерот Заев, лидерите на помалите коалициски партнери биле запознаени со деталите од договорот со „Алтернатива“, како и со содржината на документот насловен „Основни начела за надградба на програмата за работа на Владата на Република Македонија“, што треба да се допрецизира и појасни со цел да стане составен дел од новата владина програма.

Новата проширена коалиција, како што потенцирал Заев на средбата, ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните. – Во овие моменти најважно е функционирањето на институциите со полн капацитет, порачал Заев.

По средбата во Владата, претседателот на НСДП Тито Петковски изјави дека разговарале околу тоа што како коалиција треба да направат за земјава да не се втурне во предвремени парламентарни избори. Тој смета дека е добро што се зголемува парламентарното мнозинство за уште четири пратеници.

Според него, Алтернатива го искористила моментот, да истапи со, што како што рече, „максималистички“ барања. Вели дека не станува збор за зачувување на државните интереси, туку преферирање на партиските интереси да се добие политички профит и функции, наместо на прво место да се евроинтеграциите. Додаде дека местата што ги бара Алтернатива досега биле покриени од други политички партии.

Претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов смета дека треба да се видат програмските определби на Владата. Тој нагласи дека се прават пошироки консултации по што ќе се донесе некаков координиран заеднички став, но според неговите очекувања тој процес ќе трае уште најмалку еден месец.

– Демократскиот сојуз нема намера да уценува и да притиска. Сега Владата на СДСМ ќе биде малку покомотна, ќе има 64 пратеници во мнозинството, така што некои од коалициските партнери кои не се задоволни можат слободно да ја напуштат коалицијата, рече Трајанов, посочувајќи дека очекува да види во кои правци ќе се движи новата влада, како ќе се одвиваат разговорите со Бугарија, како и дали ќе се даде фокус на стратешките прашања.

За разговорите на премиерот во оставка Зоран Заев со Африм Гаши за влез на Алтернатива во Владата ДУИ била целосно информирана. Министерот за надворешни работи и висок функционер во ДУИ Бујар Османи завчера изјави дека Заев разговорите со Алтернатива ги вршел во име на коалицијата, така што целосно биле информирани и координирани.

Во врска со влегувањето на Алтернатива во Владата и прераспределбата на министерствата, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби завчера нагласи дека при услови на преговарања меѓу постоечките коалициски партнери и нови коалициски партнери коишто ќе дојдат, „сите отстапуваат места коишто ги имаат дотогаш“.

– Ние всушност во Владата отстапивме од МИОА, но го добивме ресорот земјоделие, којшто е многу голем и каде што имаме многу, многу значајни проекти, коишто ги имаме зацртано во нашата програма и за коишто ни е многу значајно да ги имплементираме, посочи Груби и најави дека деновиве ќе се разговара за соработката со Алтернатива на локално ниво и изрази надеж дека таква соработка ќе има.

Опозициската Алијанса за Албанците е „изненадена“ од одлуката на нивниот досегашен коалициски партнер Алтернатива да се приклучи кон Владата. Пратеникот од оваа партија Елми Азири на завчерашниот прес во Собранието кажа дека се изненадени од тоа како може една политичка партија со толкава леснотија да поништи еден договор и утредента да потпише друг договор. Партиските органи, како што рече, допрва ќе утврдат стратегија како на локално ниво ќе соработуваат со Алтернатива. Истакна дека во наредниот период ги очекува многу работа, на 25 ќе се одржи седница на Централното собрание на Алијансата, а потоа и парискиот конгрес.

– Ова е нов момент и очекуваме следните денови, органите на партијата да заземат став и за можната идна соработка со Алтернатива на локално ниво. Ќе видиме како ќе постапиме како политичка партија, рече Азири.

Премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши во неделата во Клубот на пратениците ја потпишаa програмата за заедничко дејствување и приклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство.

Со договорот Алтернатива треба да назначи министер за здравство, министер за МИОА и министер без ресор задолжен за дијаспората, како и три заменици-министри, од кои еден во МОН, еден во Министерството за култура, а за третиот ресор останува дополнително да се прецизира, иако било разговарано за заменик министер за земјоделство. Алтернатива може да биде вклучена и во менаџирање на управувачките раководните органи во повеќе институции на централно и на подрачно ниво меѓу кои МЕПСО, ФЗОМ, Железници и Транспорт, Клинички центар – Тетово и Агенцијата за странски инвестиции.

На официјализирањето на договорот, кој следуваше по три нивни средби, лидерите на двете партии истакнаа дека со четирите пратеници на Алтернатива државата излегува од политичката криза, обезбедено е стабилно парламентарно мнозинство и нема потреба од предвремени парламентарни избори, туку редовни во 2024 година.

Парламент со мнозинство пратеници, нагласија Заев и Гаши, ќе обезбеди стабилност за клучни политики, носење важни закони, решенија за енергетската и пандемиската криза, како и гласање на Буџетот за 2022.

За составот на новата Влада ќе одлучува новиот мандатар и тоа ќе биде по неколку недели.

Алтернатива во следните неколку недели ќе почне да ги презема одговорностите во институциите. За кадровските решенија ќе решава Централното претседателство на Алтернатива откако ќе поминат внатрепартиските консултации за имињата со кои ќе учествуваат во извршната власт.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски завчера одговарајќи на новинарско прашање рече дека очекува советниците на Алтернатива да продолжат да ги поддржуваат сите проекти кои ќе ги реализира ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво, бидејќи тие, како што рече, се значајни за граѓаните. 

Source link: www.24.mk